Енергетската безбедност, поврзувањето со европските пазари и обезбедувањето различни извори на снабдување ќе бидат дел од темите на Седмиот состанок на Партнерството за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC), кој на 18 и 19 ноември ќе се одржи во Варшава, Полска.
На форумот ќе учествува и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која ќе биде панелист на сесија посветена на европската енергетска безбедност, отпорноста на критичната инфраструктура и диверзификацијата на изворите на снабдување.
Според најавата, состанокот ќе обедини високи владини претставници, меѓународни институции и лидери од енергетскиот сектор од Европа и САД. Меѓу најавените учесници се американскиот секретар за енергетика Крис Рајт, полскиот премиер Доналд Туск и министерот за енергетика Милош Мотика.
Форумот се организира во соработка со Атлантскиот совет и ќе биде можност за разговори за заедничките предизвици во енергетскиот сектор, како и за размена на искуства меѓу учесниците.
Божиновска го оцени учеството како можност за продлабочување на стратешките партнерства и унапредување на соработката со европските и американските партнери. Таа истакна дека приоритет на земјава останува развојот на сигурен енергетски систем и негово поврзување со поширокиот регионален и европски пазар.
„Наш приоритет останува изградбата на сигурен, стабилен и конкурентен енергетски систем, поврзан со регионалните и европските енергетски пазари“, порача Божиновска.






