Скопје на 25 ноември ќе биде домаќин на првиот форум за енергетска дипломатија, посветен на обновливите извори и на улогата на жените во енергетскиот сектор, најави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Настанот „Обновливи извори и жените во енергетиката“ ќе се одржи во хотелот „Александар Палас“. Форумот ќе го отвори министерката, а според најавата, ќе присуствуваат и високи претставници на Обединетите нации и на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП.
Божиновска ќе учествува и на централната панел-дискусија, на која ќе се разговара за жените во енергетиката, енергетската безбедност и меѓународната соработка.
Таа порача дека е потребно поголемо учество на жените на позиции на кои се носат одлуки, како и повеќе можности нивното знаење и искуство да придонесат за развојот на секторот.
„Верувам дека ни се потребни повеќе жени на позиции на кои се носат одлуки и повеќе можности со нивното знаење и искуство да придонесат за развојот на енергетиката“, истакна Божиновска.
Повеќе информации за настанот и регистрацијата се достапни на официјалната веб-страница на форумот.






