Божиновска од Belgrade Energy Forum 2026: Македонија станува важен двигател на регионалната енергетска транзиција

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини учествуваше на Belgrade Energy Forum 2026, еден од најзначајните регионални енергетски форуми, каде заедно со министри, претставници на Енергетската заедница, меѓународни институции и водечки експерти се дискутираше за енергетската безбедност, декарбонизацијата и иднината на енергетскиот сектор во регионот.

На панелот посветен на енергетската транзиција и регионалната соработка, министерката порача дека Македонија повеќе не е пасивен набљудувач на енергетските процеси, туку држава која активно ги креира сопствените политики и се позиционира како релевантен и стабилен партнер во регионот.

„Енергетската криза беше јасен сигнал дека енергетската безбедност и транзицијата мора да одат паралелно. Македонија суштински го редефинираше пристапот кон енергетиката – од пасивно следење на пазарот, кон активно планирање, инвестиции и развој“, истакна министерката.

Таа нагласи дека со новиот Закон за енергетика, усвоен во 2025 година, државата воведе системско планирање и предвидлива рамка за инвеститорите, со што значително се забрза инвестицискиот циклус во обновливите извори на енергија.

Министерката потенцираше дека производството на електрична енергија од сонце е зголемено речиси 50 пати во споредба со 2016 година.

Во своето обраќање таа ги издвои и капиталните државни инвестиции преку АД ЕСМ, особено проектите за изградба на фотоволтаични централи во РЕК Битола и РЕК Осломеј, оценувајќи ги како симбол на праведната енергетска транзиција и трансформацијата на поранешните јагленски капацитети во извори на чиста енергија.

Посебен акцент беше ставен и на диверзификацијата на снабдувањето со енергенси и регионалното поврзување. Министерката посочи дека Македонија активно работи на гасното интерконективно поврзување со Грција и Србија, со што се отвора пристап до нови извори на природен гас и LNG терминали, а паралелно се зајакнуваат и електроенергетските интерконекции со соседните земји.

Говорејќи за европските политики и механизмот CBAM, министерката истакна дека државата веќе воспостави систем за Гаранции за потекло на електрична енергија, што ќе им овозможи на македонските компании поголема конкурентност и полесен пристап до европскиот пазар.

„Нашата визија е Македонија да стане држава со декарбонизиран, дигитализиран и регионално интегриран енергетски систем, со значително поголемо домашно производство на чиста енергија. Регионалната соработка денес не е избор, туку неопходност за стабилна и сигурна енергетска иднина“, порача министерката.

Во рамки на форумот, министерката оствари и повеќе билатерални средби со претставници на регионални институции, компании и меѓународни партнери, посветени на нови инвестиции, енергетско поврзување и продлабочување на регионалната соработка во енергетиката.

Scroll to Top