Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска учествува на Бизнис форумот во Истанбул, кој претставува значајна платформа за поврзување на институциите и деловната заедница од Македонија и Турција.
Како што информира Божиновска, форумот ги обединува претставниците на владите, институциите и бизнис-заедниците од двете држави, со цел унапредување на економските односи и зајакнување на билатералната соработка.
Во рамки на настанот, министерката ќе учествува на панел-дискусијата „Билатерална соработка во трговијата, индустријата, производството и синџирите на снабдување“, каде што ќе ги презентира можностите што ги нуди Македонија во секторите енергетика, рударство и минерални суровини.
„Со посебен акцент ќе ги посочам реформските процеси насочени кон создавање стабилна, предвидлива и конкурентна инвестициска клима, која е темел за привлекување сериозни и долгорочни инвестиции“, истакна Божиновска.
Таа најави и билатерална средба со министерот за трговија на Република Турција, проф. д-р Омер Болат, на која ќе се разговара за можностите за нови инвестиции, продлабочување на економската соработка и развој на стратешките индустрии.
„Македонија е отворена, подготвена и амбициозна земја која инвестира во нови енергетски капацитети“, порача министерката Божиновска.






