Од 7 јули 2026 година во Европската Унија стапуваат во сила нови правила за безбедност на возилата, со кои сите нови патнички автомобили и лесни комерцијални возила ќе мора да бидат опремени со дополнителни системи за заштита на возачите, патниците и пешаците.
Европската комисија соопшти дека целта на новите регулативи е зголемување на безбедноста на патиштата и намалување на бројот на сообраќајни несреќи, преку воведување на понапредни технологии во новите возила.
Според правилата, производителите ќе мора да вградат систем за автоматско сопирање во итни ситуации, кој препознава пешаци и велосипедисти, систем за предупредување на возачот при одвлекување на вниманието, како и подобрени решенија за зголемена видливост и заштита во сообраќајот.
Дополнително, новите стандарди предвидуваат и нови тестирања за безбедност на гумите, како и проширена безбедносна површина на стаклата со цел поголема заштита на пешаците при евентуален судир.
Од Европската комисија истакнуваат дека модерната автомобилска технологија сè повеќе има улога на активен помошник на возачите, особено во спречување на несреќи во кои се вклучени најранливите учесници во сообраќајот.
Новите правила се дел од пошироката стратегија на ЕУ за развој на интелигентни и побезбедни возила, со цел дополнително намалување на смртноста и тешките повреди на европските патишта во наредните години.






