Коњановски: Битола ги обединува народите преку фолклорот, традицијата и културното наследство

Битола повторно беше место каде се сретнаа различни култури, традиции и фолклорни богатства од целиот свет. Во рамки на фестивалот „Илинденски денови“, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, организираше прием и фолклорна дружба со учесниците од годинашното издание на фестивалот.

На настанот учествуваа фолклорни ансамбли од САД, Венецуела, Порторико, Кина, Грузија, Холандија, Унгарија, Словачка, Грција, Шведска, како и претставници од Македонија. Гостите ги споделија своите впечатоци од фестивалот, организацијата и гостопримството на битолчани, како и од културните и историските знаменитости на градот.

„Во овој период Битола е посебно разубавена. Светското шаренило, надополнето со музиката, играта и песната, никого не остава рамнодушен. Овој фестивал е и одлична можност за светска промоција на нашиот град“, истакна Коњановски.

 

Тој нагласи дека „Илинденски денови“ повеќе од половина век ја чува традицијата на фолклорот, но истовремено ги отвора вратите за културите и обичаите на народите од целиот свет.

Средбата беше искористена и за размена на пригодни подароци и промотивни материјали меѓу учесниците и домаќините, како симбол на пријателството и продолжување на културната соработка.

Овагодишното издание на фестивалот беше едно од најмасовните во неговата историја, со голем број домашни и странски учесници кои во изминатите недели ја разиграа Битола и ја претворија во вистинска светска сцена на фолклорот.

Scroll to Top