Македонско друштво „Илинден“ – Тирана: Одземањето на правото на глас на Македонците во дијаспората е неприфатливо

Македонското друштво „Илинден“ – Тирана остро реагира на, како што наведува, сите обиди за одземање на правото на глас на Македонците кои живеат надвор од Македонија, оценувајќи дека таквиот потег е неприфатлив и претставува израз на длабоко непочитување кон македонската дијаспора.

Во соопштението, друштвото истакнува дека Македонците кои живеат надвор од државата сакаат активно да учествуваат во градењето на слободна, демократска и просперитетна Македонија и дека правото на глас им припаѓа поради нивното потекло, грижата за татковината и нераскинливата врска што ја одржуваат со неа.

„Ние, Македонците надвор од Македонија, сакаме активно да учествуваме во градењето на слободна, демократска и просперитетна држава. Правото на глас ни припаѓа, пред сè, поради нашето потекло, грижата за татковината и нераскинливата врска што ја имаме со Македонија“, се наведува во соопштението.

Од Македонското друштво „Илинден“ – Тирана нагласуваат дека дијаспората претставува важен партнер на својата татковина и интегрален дел од нејзиниот развој, посочувајќи дека придонесот на Македонците во странство е особено значаен во повеќе области.

Според нив, македонската дијаспора има важна улога во:
– надворешната политика;
– економскиот развој;
– културата;
– промоцијата на Македонија на меѓународен план.

Поради тоа, од друштвото сметаат дека Македонците кои живеат надвор од земјата треба и понатаму да го уживаат своето уставно и демократско право на глас.

Воедно, тие упатија повик до сите политички субјекти во Македонија да покажат почит и јасна заложба кон македонската дијаспора.

„Ги повикуваме сите политички субјекти во Македонија да покажат почит и јасна заложба кон Македонците во дијаспората, со единствена цел – заеднички напредок и посилна Македонија“, се наведува во соопштението на Македонското друштво „Илинден“ – Тирана.

Scroll to Top