Меџити: Автопатот Скопје–Блаце влегува во реализација – започнува изградбата на втората делница

Копретседателот на ВЛЕН и градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, го поздрави потпишувањето на договорот за изградба на втората делница од автопатот Скопје–Блаце, оценувајќи дека станува збор за еден од најзначајните инфраструктурни проекти во државата.

Според Меџити, со денешното потпишување на договорот започнува реализацијата на инвестиција вредна над 200 милиони евра, која ќе овозможи изградба на современ автопат што ќе ја подобри поврзаноста меѓу Северна Македонија и Косово.

Тој посочи дека проектот е еден од најкомплексните инфраструктурни зафати, бидејќи опфаќа изградба на пет тунели, девет мостови, 11 надвозници, четири галерии и девет потпорни ѕидови, со што ќе се надминат предизвиците на планинскиот терен.

 

„Со овој проект, коридорот од Стенковец до Блаце ќе биде комплетиран со околу 12 километри модерен автопат, што ќе ги доближи граѓаните, ќе го олесни сообраќајот и дополнително ќе ја зајакне поврзаноста меѓу двете земји“, истакна Меџити.

Тој нагласи дека резултатите се мерат преку потпишани договори и реализација на проекти, а не преку ветувања, додавајќи дека овој инфраструктурен зафат претставува значаен чекор кон подобра транспортна поврзаност и економски развој.

Scroll to Top