Меџити: Подобрите услови во училиштата се најубавиот подарок за учениците на почетокот на учебната година

Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, првиот училишен ден го одбележа во ООУ „Хасан Приштина“, каде им посака успешна нова учебна година на учениците, наставниците и родителите.

Меџити истакна дека најдобар начин да им се посака успешна учебна година на учениците е да се обезбедат што подобри услови за нивното образование.

„Само оваа година, основните училишта во Чаир се опремуваат со 1.600 нови столчиња и 800 нови клупи, а заедно со донацијата од минатата година достигнуваме вкупно 2.000 столчиња и 1.000 нови клупи“, посочи Меџити.

Со овие инвестиции и донации, според градоначалникот, ќе биде обновено околу 60 отсто од инвентарот во основните училишта во Општина Чаир.

Меџити упати благодарност до компанијата „Ефтинја“ за донацијата и континуираната поддршка, како и до сите кои придонесуваат за подобрување на условите во училиштата.

На учениците денеска им беа поделени и пакети со училишен прибор, како мал подарок за успешен почеток на новата учебна година.

„На сите ученици, наставници и родители им посакувам успешна и бериќетна учебна година. Среќен 1 септември!“, порача Меџити.

Scroll to Top