Меџити: Стартува проектот вреден 6,2 милиони евра за уредување и регулирање на Сува Река во Сарај

Копретседателот на ВЛЕН, Изет Меџити, информираше дека започнале градежните работи за регулирање на коритото на Сува Река во општина Сарај, проект вреден 6,2 милиони евра.

Според Меџити, станува збор за еден од најзначајните инфраструктурни проекти за Сарај, кој треба трајно да го реши долгогодишниот проблем со поплавите и да обезбеди поголема безбедност за жителите.

„Заедно со премиерот Христијан Мицкоски, министерот Мухамет Хоџа и градоначалникот на Сарај, Мухамет Елмази, присуствувавме на почетокот на работите за уредување на коритото на Сува Река“, напиша Меџити.

Проектот опфаќа уредување на коритото на реката во должина од околу 12 километри, од Бојане до Глумово, со инвестиција од 6,2 милиони евра. Работите ќе се реализираат во повеќе фази до 2029 година.

Според Меџити, со реализацијата на проектот ќе се заштитат граѓаните, нивните домови, земјоделските површини и инфраструктурата, а ќе се стави крај на проблем кој со години останал нерешен.

Тој оцени дека проектот е пример за соработка меѓу локалната и централната власт и порача дека граѓаните очекуваат конкретни резултати и нови инвестиции, наместо ветувања.

Scroll to Top