Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, преку објава го одбележа 36-годишното постоење на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп, нагласувајќи дека партијата низ годините имала јасна определба за самостојна Македонија.
„ВМРО-ДПМНЕ е единствената политичка партија која секогаш била со јасна определба за самостојна Македонија. Единствена партија која секогаш била на страната на Македонија од самиот почеток до денес“, порача Николоски.

Тој истакна дека Македонија, според него, се гради со конкретни проекти, промислени политики и крупни инфраструктурни инвестиции кои треба да придонесат за подобра економија и повисок квалитет на живот за граѓаните.
„Македонија се гради со проекти, со паметни политики, со крупни инфраструктурни проекти кои ја подобруваат економијата и квалитетот на живот на сите граѓани“, наведе Николоски.

Во објавата тој се осврна и на актуелната состојба во партијата, оценувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ денес е најсилно од своето постоење и дека меѓу членството владеат единство, труд и заедничка работа.
„ВМРО-ДПМНЕ сега е најсилно од своето постоење, обединети како никогаш претходно. Во партијата има единство, труд и заедничка работа“, порача Николоски.
Тој упати благодарност до сите членови и активисти на партијата за нивниот ангажман и придонес.
„Благодарност за секој еден член на ВМРО-ДПМНЕ, за секој еден активист! Да живее ВМРО-ДПМНЕ!“, стои во објавата на Александар Николоски по повод 36 години од ВМРО-ДПМНЕ ОК Прилеп.






