Градскиот воз официјално почна со работа, со што е реализирана најавата дека првата линија ќе стартува од 1 септември. Проектот има цел да обезбеди побрз, поевтин и поефикасен јавен превоз и подобро поврзување на периферните населени места и општините со централното подрачје на Скопје.
Со симболично патување на релацијата Зелениково – Нова железничка станица Скопје, официјално беше пуштена во функција првата фаза од проектот „Градски воз“.
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, истакна дека со почетокот на проектот се исполнува ветувањето дадено пред граѓаните.
„Ветивме дека Градскиот воз ќе почне на 1 септември и така се случи. Ова е почеток на реализација на визијата за поефикасен јавен превоз“, порача Николоски.
Тој очекува новата линија да биде од голема корист за различни категории граѓани, особено за учениците, студентите и пензионерите, но и за сите оние кои секојдневно патуваат до Скопје.
„Се надевам дека ќе ја користат многумина и дека многу ќе помогне на учениците, на средношколците, на сите оние кои сакаат навреме да стигнат на своите работни места, на пензионерите, и ќе ја користиме сите ние“, истакна министерот.
Според Николоски, реализацијата на градскиот воз покажува дека со јасен план, концепт и визија можат да се реализираат значајни инфраструктурни проекти.
„Реализацијата на градскиот воз е доказ дека кога се има јасен план, концепт и визија, може да се реализираат големи проекти“, додаде Николоски.






