Николоски: Интензивно се гради на повеќе од 50 километри автопат на Коридорите 8 и 10

Александар Николоски изјави дека со интензивна динамика продолжуваат градежните активности на автопатските делници што ги реализира компанијата Бехтел и Енка, при што Владата, како што рече, прави сè за да им овозможи на изведувачите што побрзо да ги завршат проектите на Коридорите 8 и 10д.

На делницата Гостивар – Букојчани моментално се работи на 11 од вкупно предвидените 31 километар, а реализацијата достигнала околу 60 проценти. На трасата Тетово – Гостивар, пак, активностите се одвиваат на околу 14 километри од вкупно 17,5 километри, со реализација од 8,4 проценти.

Увид во градежните активности извршија премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски.

Николоски посочи дека делницата Тетово – Гостивар досега била експресен пат, а со овој проект за првпат ќе добие вистински автопат.

„Нешто што за многумина беше незамисливо е дека ќе има автопат кој ќе ја заобиколи Стража. Најтешкиот дел од поврзувањето со Охрид и Струга конечно ќе биде избегнат“, изјави Николоски.

Тој нагласи дека на терен се изведуваат сложени инженерски зафати, меѓу кои изградба на мостови, пробивање на трасата и заштита на косини.

Според него, најголем предизвик на трасата Тетово – Гостивар се бројните дислокации на водови, додека кај делницата Гостивар – Букојчани има помалку дислокации, но теренот е многу потежок поради заобиколувањето на планината Буковиќ.

Николоски ја обвини претходната Влада дека не оставила подготвени предуслови за реализација на проектот.

„Во ноември минатата година добивме известување од надзорниот инженер дека рокот мора да се продолжи за две години за да се надоместат изгубените две години. Затоа новиот рок е декември 2029 година, иако не значи дека нема да биде завршено и порано“, рече тој.

Тој посочи дека експропријацијата е завршена, а Владата веќе ги усвоила урбанистичките планови за делниците Гостивар – Букојчани и Прилеп – Битола.

Николоски изрази очекување дека едната лента од автопатот Прилеп – Битола ќе биде пуштена во употреба во првата половина од следната година.

Во рамки на проектот на делницата Гостивар – Букојчани веќе се изградени камп за повеќе од 1.200 работници, бетонска база и мост на седмиот километар од трасата, по кој веќе може да се сообраќа во двете насоки.

Во тек се активности и на уште два моста, натпатник, потпорни ѕидови, пропусти и канали.

Според официјалните податоци, од март 2023 до јуни 2024 година за проектот биле реализирани 241,3 милиони евра, од кои само 19,6 милиони за градежни работи. Од јули 2024 до мај 2026 година исплатени биле дополнителни 278,4 милиони евра исклучиво за градежни активности.

За проектот досега се завршени експропријации на повеќе од 3.000 парцели, при што најголемиот дел – 2.483 парцели – биле решени во текот на изминатата година.

Scroll to Top