Државниот инспекторат за транспорт ќе биде зајакнат со нова опрема и современи технологии, преку донација од Европската Унија, која треба да придонесе за поефикасен инспекциски надзор и поголема безбедност во сообраќајот.
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, истакна дека со новите специјално опремени возила, современиот софтвер за следење и обуките за инспекторите, институцијата добива значително подобрени услови за работа.
„Со оваа голема донација која Европската Унија ја прави за нас, Државниот инспекторат за транспорт добива комплетно нова димензија. Ова не се само возила, туку и современ софтвер за следење на возилата, како и знаење и обука за инспекторите“, изјави Николоски.
Тој нагласи дека покрај изградбата на нови експресни патишта и автопати, особено внимание мора да се посвети на нивната заштита и безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
„Градиме експресни патишта и автопати, но истовремено мора многу да внимаваме на безбедноста и на заштитата на патиштата. Непочитувањето на правилата е еден од главните фактори за нивно уништување, а со овој начин инвестициите што ги правиме ќе добијат долгорочна вредност“, порача Николоски.
Министерот упати благодарност до амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, за неговата поддршка и посветеност во реализацијата на проектот, оценувајќи дека донацијата претставува важен чекор кон модернизација на транспортниот инспекциски систем.






