Со забрзувањето на изградбата на автопатот Прилеп – Битола се отвора можност за вработување на околу 1.200 лица, меѓу кои инженери, геодети, оператори на градежни машини, возачи и градежни работници, изјави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на саемот за вработување што „Бехтел и Енка“ го организира во Прилеп.
Според Николоски, проектот претставува можност за жителите на Пелагонискиот Регион да најдат работа, но и да стекнат искуство во изградба на автопат.
„Со забрзување на динамиката на изградба на автопатот Прилеп – Битола, се отвораат некаде околу 1.200 нови работни места, можност за вработување на околу 1.200 луѓе, што за целиот Пелагониски Регион претставува огромна можност“, рече Николоски.
Тој посочи дека се бараат градежни и сообраќајни инженери, геодети, технички и лаборантски кадар, оператори на градежни машини, возачи, како и квалификувани и неквалификувани градежни работници.
Вицепремиерот оцени дека ангажманот е можност и за младите кои завршуваат градежен или архитектонски факултет да стекнат практично знаење на голем инфраструктурен проект.
Повик до жителите од регионот да аплицираат
Саемот за вработување ќе трае неколку дена. Николоски ги повика заинтересираните жители од Прилеп и од околните општини да ги разгледаат понудените работни места и да аплицираат.
Тој ги спомена жителите на Могила, Новаци, Росоман, Кривогаштани, Крушево, Демир Хисар, Ресен и Битола, посочувајќи дека во следните три години се очекуваат интензивни активности на проектот.
Говорејќи за условите за работа, Николоски рече дека просечната исплатена месечна нето-плата во компаниите за 2025 година изнесувала 137.000 денари и дека немале плата под 60.000 денари. Овие износи ги наведе како показател за платите во компаниите, без да прецизира колкава плата е предвидена за секое од новите работни места.
Можностите и условите за вработување, како и динамиката на изградбата на автопатот, на саемот ги претставија Николоски, претставници на „Бехтел и Енка“, директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски, заменик-министерот за економија Марјан Ристески и пратеници.






