Објавена фотографија од маскираното лице кое упадна во училиштето Ванчо Прќе во во Штип

Во основното училиште „Ванчо Прќе“ во Штип се случи сериозен вандалски инцидент откако маскирано лице ноќеска насилно влегло во објектот и предизвикало значителна материјална штета. Поради настанот, наставата вчера беше целосно прекината за повеќе од 1.100 ученици.

Според првичните информации, упадот се случил околу полноќ, при што сторителот претходно онеспособил дел од безбедносните камери. По влегувањето во училиштето, лицето демолирало училници, оштетило монитори и друг инвентар, а на ѕидовите испишало графити со недолична содржина.

Дополнително, биле пуштени чешмите во дел од просториите, што предизвикало дополнителни оштетувања, особено во училниците каде што се одвива наставата за учениците од петто до деветто одделение.

Од СВР Штип информираат дека случајот бил пријавен утрото на 30 април.

„На 30.04.2026 година, во 06:18 часот, во СВР Штип е пријавено дека во основно училиште на подрачјето на Штип, едно лице насилно влегло во просторија на училиштето, при што оштетило дел од инвентарот, монитори и испишало графити со недолична содржина. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од полицијата.

Директорот на училиштето изјави дека според видеонадзорот се работи за едно лице, а во јавноста веќе се појави и фотографија од сторителот, што дополнително треба да помогне во негово идентификување.

Тој најави дека оштетените кабинети ќе бидат санирани во рок од три дена, по што наставата се очекува да продолжи од почетокот на следната недела. Родителите и учениците ќе бидат навремено информирани за сите детали околу враќањето во училишните клупи.

Според првичните проценки, приземниот дел од објектот не претрпел поголеми оштетувања, но штетата во останатите простории е значителна. Надлежните институции работат на целосно расчистување на случајот и утврдување на одговорноста.

Scroll to Top