Општина Пробиштип објави три нови јавни повици за субвенционирање на домаќинствата во 2026 година, со цел поттикнување на еколошките навики, заштитата на животната средина и користењето обновливи извори на енергија.
Граѓаните од општината од денеска можат да аплицираат за финансиска поддршка за набавка на инвертер клима уреди, сончеви колектори и велосипеди.
Преку мерката за инвертер клима уреди, Општината обезбедува субвенција за дел од средствата потрошени за купување нов уред во тековната година, со цел замена на старите печки на цврсти и течни горива. Предвидената поддршка изнесува фиксни 10.000 денари по домаќинство.
https://probistip.gov.mk/novosti/klima-2026/
Втората мерка се однесува на сончеви колектори, односно поддршка за набавка на енергетски ефикасни и еколошки системи за загревање санитарна вода во домовите. И за оваа мерка е предвидена субвенција од 10.000 денари по домаќинство.
https://probistip.gov.mk/novosti/kolektori-2026/
Општина Пробиштип продолжува да ги поддржува и здравите животни навики преку мерката за субвенционирање велосипеди. Граѓаните ќе можат да добијат поврат на 40 проценти од вредноста на купениот велосипед, но не повеќе од 4.000 денари.
https://probistip.gov.mk/novosti/velosipedi-2026/
Од локалната самоуправа информираат дека заинтересираните граѓани можат да ги преземат потребните обрасци, изјави и целосната документација преку официјалните јавни повици.
„Инвестираме во зелена, чиста и модерна општина Пробиштип“, порачаа од Општината, нагласувајќи дека мерките имаат за цел подобрување на животната средина и зголемување на енергетската ефикасност во домаќинствата.






