Проданоски: Младите од „Слободно театарче“ ја градат културната иднина на Прилеп

Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, оствари средба со членовите на драмската секција „Слободно театарче“ при СОУ „Ѓорче Петров“, при што им оддаде признание за нивната посветеност и успехот со реализацијата на долгометражниот филм „Девојките на Марко“.

Проданоски истакна дека младите луѓе се најубавата приказна на секој град и дека нивниот талент и креативност се најсилен показател за иднината на Прилеп.

„Овој проект е вистинска потврда за талентот, трудот и потенцијалот на младите луѓе во нашиот град. Со љубов кон уметноста, тимска работа и голема посветеност, тие создадоа дело што го претставува Прилеп во најубаво светло“, истакна градоначалникот.

 

Тој додаде дека преку филмот се промовираат препознатливите локации на градот, како и неговата историја, култура и младешка енергија.

Според него, особено значајно е што младите преку овој проект испраќаат пораки за пријателство, солидарност, љубов, чесност и човечност.

„Кога постои искрена желба и посветеност, резултатите не изостануваат“, порача Проданоски, упатувајќи честитки до целата екипа и нагласувајќи дека Општина Прилеп ќе продолжи да биде поддршка за младите и креативни луѓе.

Scroll to Top