Проданоски: Поголема безбедност во Прилеп: „Легнати полицајци“ ќе се поставуваат на 20 локации низ општината

Општина Прилеп започна со реализација на проект за поставување технички средства за забавување на сообраќајот, познати како „легнати полицајци“, на околу 20 локации низ градот и населените места каде што е утврдена потреба од дополнителни мерки за заштита на учесниците во сообраќајот.

Градоначалникот Дејан Проданоски информираше дека целта на проектот е зголемување на безбедноста на граѓаните и намалување на ризикот од сообраќајни незгоди на критичните точки во општината.

 

„Започнавме со реализација на проектот за поставување технички средства за забавување на сообраќајот на околу 20 локации низ општина Прилеп, каде што постои потреба од дополнителни мерки за заштита и поголема безбедност на граѓаните“, соопшти Проданоски.

Проектот се реализира преку Министерството за транспорт во рамки на Проектот за поврзување на локални патишта, а финансиската поддршка е обезбедена од Светска банка.

Од локалната самоуправа посочуваат дека поставувањето на „легнатите полицајци“ е дел од пошироките активности насочени кон подобрување на сообраќајната инфраструктура и создавање побезбедни услови за движење на пешаците, велосипедистите и возачите.

Според најавите, интервенциите ќе бидат реализирани на локации каде што има зголемена фреквенција на сообраќај, во близина на училишта, јавни установи и други точки каде што е потребно дополнително намалување на брзината на возилата.

„Наш приоритет останува безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Со вакви конкретни инфраструктурни зафати создаваме побезбедна сообраќајна средина и услови за поквалитетно секојдневие во секоја населба во општина Прилеп“, истакна Проданоски.

Со реализацијата на проектот се очекува значително подобрување на сообраќајната безбедност и намалување на ризиците за пешаците и останатите учесници во сообраќајот низ општина Прилеп.

Scroll to Top