Градоначалникот Дејан Проданоски информираше дека Прилеп повторно ја покажал својата хуманост и солидарност, откако во заедничка акција биле собрани и испратени повеќе од 6.000 литри флаширана вода како помош за граѓаните на Гостивар.
Според Проданоски, во акцијата се вклучиле голем број граѓани, Црвениот крст – Општинска организација Прилеп, општествено одговорни компании, здруженија, институции, политички субјекти и бројни хумани луѓе, обединети со заедничка цел – да им помогнат на оние на кои помошта им е најпотребна.

„Благодарение на оваа заедничка акција, беа собрани и испратени повеќе од 6.000 литри флаширана вода како помош за граѓаните на кои им е најпотребна“, наведува Проданоски.
Тој истакна дека Прилеп уште еднаш покажал дека знае да биде солидарен и да пружи поддршка во моменти кога е најпотребно.

„Во моменти на предизвик, нашиот град повторно докажа дека знае да биде рамо за поддршка, да сплоти и да делува заеднички“, порача Проданоски.
Воедно, тој упати искрена благодарност до сите кои донирале, се вклучиле во организацијата и дале личен придонес во реализацијата на хуманитарната акција.
„Секоја донација, секој ангажман и секој гест на добрина имаат непроценливо значење. Прилеп знае!“, стои во неговата објава.






