Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, најави дека од 17 до 19 јули Прилеп повторно ќе биде центар на забавата и добрата атмосфера со одржувањето на 23-тото издание на традиционалниот Пиво Фестивал.
Според Проданоски, Општина Прилеп и годинава ја дава својата поддршка за организацијата на една од најпознатите културно-забавни манифестации во државата, која се реализира во организација на здружението „Вајб Евентс“.
„И оваа година ќе имаме три незаборавни фестивалски вечери исполнети со врвна музичка програма, препознатливата прилепска скара, богата понуда на пиво и одлична атмосфера во срцето на градот“, истакна Проданоски.
Тој нагласи дека заедно со јавните претпријатија, надлежните служби и институциите се преземаат сите потребни активности за Прилеп подготвено да ги пречека илјадниците посетители од земјава и странство.
Пиво Фестивалот традиционално привлекува голем број гости и претставува значаен туристички и економски настан за градот, придонесувајќи за промоција на Прилеп и неговите препознатливи брендови.
Градоначалникот ги покани сите љубители на добрата музика, храната и фестивалската атмосфера да бидат дел од Пиво Фестивал 2026, кој ќе се одржи од 17 до 19 јули во Прилеп.







