Реакција по собраниската дебата: Советот за сметководство бара почит кон професијата

Во рамките на собраниските дебати поврзани со тековниот ребаланс на буџетот, со загриженост ги забележуваме обидите на еден пратеник од македонското собрание за користење на статусот “сметководител” во негативен и пејоративен контекст, со цел да се омаловажат носителите на јавните функции.

Поразително е кога во недостиг на издржани економски аргументи, се посегнува по понижување на цела една професија која е од витално значење за државата. Сметководителите не се алатка за политички пресметки. Тие се неизоставен столб на фискалниот систем, чувари на финансиската законитост и дисциплина, како и луѓе кои со децении го носат товарот на даночниот и фискалниот систем на Македонија на своите плеќи. Нивната секојдневна работа е клучна за препознавање, лоцирање и санирање на сите аномалии во финансиското работење.

За разлика од праксата во минатото со нереални проекции и прикривање на финансиските обврски, управувањето со јавните финансии бара прецизност, транспарентност и соочување со реалната состојба со чисти сметки.

 

На пратеникот му укажуваме дека сметководителите се високопрофесионални кадри со докажан интегритет, кои со апсолутна посветеност ги пресметуваат фискалните давачки и директно придонесуваат кон даночната и економската стабилност на државата. Потценувањето на нивниот труд е потценување на целиот деловен и економски систем.

Наместо лични и професионални дисквалификации, јавниот дискурс наметнува потреба од почит кон сметководствената професија и конструктивна дебата базирана на факти. Затоа, очекуваме јавно извинување за користењето на статусот “сметководител” во негативен и потценувачки тон.

Совет за унапредување и надзор над
сметководствената професија на
Република Македонија

Scroll to Top