Коњановски на терен по силниот ветер: Се расчистуваат паднатите дрвја, апел до граѓаните за внимателност

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, попладнево беше на терен заедно со директорот на ЈП „Комуналец“, каде што извршија увид во последиците од силниот ветер и активностите за отстранување на паднатите дрвја и гранки. Според досегашните информации, три лица се повредени, неколку автомобили се оштетени, а пријавени се околу 20 паднати дрвја.

Битола од синоќа е зафатена од силен ветер, чии удари во текот на денот на моменти надминувале 50 километри на час. До 14:30 часот биле евидентирани пријави за паднати дрвја на јавни површини и во дворови на станбени згради.

Коњановски информираше дека екипите на ЈП „Комуналец“ интервенирале во текот на денот, а по прекинувањето на силните налети започнале со целосно расчистување на теренот. Пријави за паднати дрвја пристигнале и во Центарот за управување со кризи, СВР Битола и Општината.

 

Градоначалникот соопшти дека, според информациите добиени од Итната медицинска помош и Клиничката болница во Битола, на тројцата повредени им била укажана лекарска помош на одделенијата за ортопедија и максилофацијална хирургија, по што биле пуштени на домашно лекување. Тој им посака брзо закрепнување.

 

Повикувајќи се на информациите од Управата за хидрометеоролошки работи, Коњановски посочи дека ветер се очекува до вечерните часови. Затоа ги повика граѓаните да бидат внимателни до стабилизирање на временските услови и целосно расчистување на теренот.

„Апелирам на голема внимателност од граѓаните, до стабилизирање на временските услови и комплетно расчистување на теренот од страна на јавните претпријатија“, порача градоначалникот.

Scroll to Top