Во главниот град на Албанија денеска свечено беше отворен 29. Семинар на Работната група на словенските малцинства во Европа, кој се организира од Федералната унија на европските националности (ФУЕН) во соработка со Македонското друштво „Илинден“ – Тирана.
Ова е првпат Македонското друштво „Илинден“ – Тирана да биде домаќин и организатор на овој значаен европски собир во албанската престолнина. На семинарот учествуваат 40 претставници од 20 организации, кои доаѓаат од 11 европски држави – Албанија, Германија, Австрија, Словенија, Хрватска, Естонија, Украина, Унгарија, Србија, Италија и Словачка.
На отворањето на настанот се обратија претседателот на Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, Никола Ѓурѓај, како и д-р Хартмут Лајпнер, претседател на Работната група на словенски малцинства (АГСМ) и потпретседател на Федералната унија на европските националности (ФУЕН).
По свечениот дел, учесниците ја продолжија програмата со тематски презентациски панел посветен на положбата на македонското национално малцинство во Република Албанија. Во рамки на семинарот беше отворена и изложба на тема „Образование на мајчин македонски јазик во Република Албанија“, преку која беа претставени достигнувањата и предизвиците во областа на образованието на македонски јазик.
Годинешното издание на семинарот е целосно посветено на актуелната состојба и правата на македонското национално малцинство во Албанија. Настанот ќе трае до 7 јуни и претставува можност за размена на искуства, добри практики и иницијативи поврзани со заштитата на малцинските права во Европа.
На семинарот присуствуваат повеќе истакнати личности од јавниот и општествениот живот, меѓу кои д-р Хартмут Лајпнер, претседател на АГСМ и потпретседател на ФУЕН, Гента Тафа (Бунго), комесар за заштита од дискриминација во Албанија, пратеничката во албанскиот парламент Етлева Будини, заменик-градоначалникот на општина Пустец Атанас Плоча, почесниот претседател на Македонска алијанса за европска интеграција проф. д-р Кимет Фетаху, потпретседателот на партијата Ендрит Фетаху, предавачот на Универзитетот „Луиѓ Гуракуќи“ во Скадар Дејан Чулафиќ, директорката на организацијата „Хариет Мартино“ од влашкото малцинство Ентела Бињаку, извршниот директор на НВО „За социјална правда“ од египќанското малцинство Гентиан Сејрани, како и новинарот Ервин Никола, претставник на македонското малцинство во Албанија.
Македонското друштво „Илинден“ – Тирана од 16 мај 2015 година е полноправен член на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) и на Работната група на словенски малцинства (АГСМ), активно придонесувајќи во заштитата и промоцијата на правата на Македонците во Албанија.






