ВЛЕН: 306 проекти го менуваат ликот на албанските општини, инвестициите конечно стигнуваат до граѓаните

Коалицијата ВЛЕН соопшти дека албанските општини повеќе не се оставени на маргините кога станува збор за јавните инвестиции, оценувајќи дека со нивното учество во Владата започнал нов пристап во распределбата на средствата и реализацијата на инфраструктурните проекти.

Според ВЛЕН, со владината поддршка во тек се 306 проекти кои, како што наведуваат, го менуваат изгледот на албанските општини и претставуваат доказ дека јавните средства се насочуваат таму каде што постои реална потреба за развој, наместо да зависат од партиски интереси.

Во соопштението се посочува дека во последните денови биле реализирани или започнати неколку значајни инфраструктурни проекти во општини раководени од ВЛЕН. Во Тетово беше промовирана реконструкцијата на улицата „Сами Фрашери“, во Желино беше завршен патот Дебрце–Чифлик по повеќе од три децении чекање, во Боговиње започна изградбата на патниот правец Раковец–Боговиње, додека во Дебар продолжуваат инвестициите на улицата „Фуад Дибра“.

Од ВЛЕН оценуваат дека овие проекти покажуваат дека со политичка волја, институционална соработка и одговорен пристап, проектите повеќе не остануваат само на хартија, туку се претвораат во конкретни инвестиции кои придонесуваат за локален развој, подобри услови за живот и економски напредок.

Во партиското соопштение се наведува дека, според нив, завршило времето на празни политички ветувања и дека новиот стандард се мери преку реализирани километри патишта, започнати и завршени проекти, како и преку деблокирање на инвестиции кои со години биле во застој.

„Ова е стандардот што го постави ВЛЕН – помалку пропаганда, повеќе резултати; помалку изговори, повеќе одговорност; помалку зборови, повеќе работа“, се наведува во соопштението.

Од коалицијата додаваат дека патната инфраструктура не претставува само градежен проект, туку доказ дека развојот, според нив, повеќе не се води од партиски интереси, туку од потребите на граѓаните.

Scroll to Top