Владејачката коалиција ВЛЕН денеска и официјално ќе се трансформира во единствен политички субјект, откако во Скопје ќе се одржи конгрес на кој треба да биде потврдено обединувањето на партиите што досега дејствуваа во рамки на коалицијата.
Конгресот ќе се одржи во македонската Филхармонија со почеток од 17 часот, а според најавите, станува збор за еден од најзначајните политички чекори во албанскиот политички блок во последните години.
Со новата организациска структура, ВЛЕН од коалиција ќе прерасне во единствена политичка партија, со заедничко раководство и централизирана организација. За копретседатели на новиот политички субјект се предложени Изет Меџити и Билал Касами, додека функцијата генерален секретар ќе ја извршува Беким Сали.
Од ВЛЕН претходно соопштија дека новата партија ќе функционира преку пет потсекретаријати, при што ќе се задржи балансот меѓу политичките структури кои досега беа дел од коалицијата.
Според агендата, по регистрацијата на делегатите ќе следува свечен дел со обраќања на домаќините и гостите, а потоа изјави за медиумите ќе дадат лидерите на ВЛЕН. Работниот дел на конгресот е предвидено да започне по 19 часот и да трае до 21 часот.
Во пресрет на конгресот, Изет Меџити изјави дека обединувањето ќе овозможи ВЛЕН дополнително да се факторизира на политичката сцена и да добие поголемо влијание кај етничките Албанци во државата.
„Со обединувањето во една партија ВЛЕН ќе се факторизира, а потоа следува и реконструкцијата на Владата“, порача Меџити.
Политичките аналитичари оценуваат дека денешниот конгрес може значително да ја промени динамиката во албанскиот политички блок, особено во пресрет на следните политички процеси и можните промени во владината структура.
Обединувањето на ВЛЕН доаѓа по повеќемесечни разговори меѓу партнерите во коалицијата, кои во изминатиот период најавуваа дека заедничкиот настап е единствениот начин за посилно политичко позиционирање и поголема мобилизација на гласачкото тело.






