Економскиот раст од 4,3 отсто во вториот квартал претставува позитивен сигнал за македонската економија, оценува ВЛЕН, од каде посочуваат дека зад растот стојат зголемените инвестиции, извозот и производството.
Според податоците што ги презентира коалицијата, инвестициите бележат раст од 16,5 отсто, извозот е зголемен за 10,4 отсто, додека преработувачката индустрија остварила раст од 4,1 отсто.
Од ВЛЕН велат дека ваквите показатели покажуваат дека домашните компании ги зголемуваат инвестициите, го прошируваат производството и се повеќе се насочуваат кон странските пазари.
Дополнително, преку Министерството за економија и труд, предводено од министерот Бесар Дурмиши, годинава се издвоени 1,23 милијарди денари, односно околу 20 милиони евра, за поддршка на домашните компании.
Средствата се наменети за компании кои планираат проширување на производството, набавка на нова опрема и отворање нови работни места.
Од ВЛЕН најавуваат дека ќе продолжат со поддршката на ваквите економски политики, нагласувајќи дека домашниот бизнис-сектор треба да има институционален партнер кој ќе ги поддржува компаниите при реализацијата на нови инвестиции.






