ВЛЕН повторно го отвори прашањето за проектот за изградба на канализациска мрежа во Зајас, родното место на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, обвинувајќи дека проектот, финансиран со европски средства, не е реализиран, иако требало да биде завршен уште во 2024 година.
На прес-конференција, Дритон Сулејмани од ВЛЕН изјави дека станува збор за сериозен скандал со европски пари и потсети дека партијата пред две недели поставила низа прашања, но, како што рече, до денес не добила одговор.
„Некој очигледно мислел дека овој скандал може да се затвори со неколку документи и печати, за кои не се знае ниту кој ги потпишал. Станува збор за повеќе од 9 милиони евра европски средства за кои јавноста сè уште нема одговор каде завршиле. Постојат кривична пријава од Финансиската полиција, договори склучени со домашни компании, како и сомнежи дека во целиот случај можеби биле вклучени и фирми поврзани со семејниот круг на Али Ахмети“, изјави Сулејмани.
Тој нагласи дека ВЛЕН бара целосна проверка на проектот, вклучително и увид во секој договор, секоја исплата и утврдување на одговорноста на сите лица што учествувале во неговата реализација.
Според Сулејмани, прашањата веќе не ги поставува само ВЛЕН, туку и Европската Унија, откако амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас, соопшти дека европските институции веќе прибираат документација поврзана со проектот.
„Јавноста има право да знае не само каде завршиле милионите, туку и кој го пријавил проектот како завршен, врз основа на кои документи и со какво образложение. Колку повеќе се отвора овој случај, толку повеќе се појавуваат сомнежи за корупција“, рече Сулејмани.
Тој потсети дека ДУИ 24 години била дел од власта, а Општина Кичево, според него, ја раководела три последователни мандати, при што токму во тој период проектот требало да биде реализиран.
„Проектот финансиран од Европската Унија требаше да биде завршен во 2024 година, но канализацијата не е изградена. Сега станува појасно зошто“, додаде тој.
Од ВЛЕН побараа Јавното обвинителство и Финансиската полиција да ја прошират истрагата и да соработуваат со европските институции во расветлувањето на случајот.
„Ова е вистинското лице на ДУИ – патриотизам пред камерите, а зад сцената пропаднати проекти, милиони евра без отчет и документација што сега ја проверува Европската Унија. Како што кажавме и претходно, Али Ахмети мораше да замине во опозиција за на површина да испливаат сите овие случаи, вклучително и вистината зошто Зајас, неговото родно место, остана без канализација“, изјави Сулејмани.






