Коалицијата ВЛЕН соопшти дека очекува целосно расветлување на случајот со загадената вода во Гостивар и утврдување на одговорност за настанатата состојба, нагласувајќи дека здравјето на граѓаните мора да биде највисок приоритет.
Од ВЛЕН го поздравија, како што наведуваат, брзото реагирање на надлежните институции и започнувањето на постапките за истрага со цел да се утврди кој е одговорен за, како што ја оценуваат, сериозната состојба во Гостивар.
„Секој што со дејствување или недејствување придонел за овој скандал треба да одговара пред правдата. Здравјето на илјадници граѓани на Гостивар беше загрозено како последица на негрижа и лошо управување, а тоа не смее да помине без одговорност, како што се случувало многупати во минатото. Очекуваме темелна, независна и сеопфатна истрага која целосно ќе го расветли случајот“, велат од коалицијата.
Во соопштението додаваат дека го поздравуваат и ангажманот на сите релевантни институции на централно ниво, кои, според нив, се вклучиле за да им помогнат на жителите на Гостивар.
Од ВЛЕН посочуваат дека граѓаните кои биле погодени од состојбата добиваат неопходна здравствена грижа, а истовремено се обезбедува вода за пиење сè до конечното решавање на проблемот.
Коалицијата оценува дека актуелната состојба е последица на долгогодишно лошо владеење, наведувајќи дека денес граѓаните ја плаќаат цената, посочувајќи дека „Гостивар остана без вода за пиење, а Зајас без канализација“.
Воедно, ВЛЕН упати политички критики кон лидерот на ДУИ Али Ахмети и Арбен Таравари, оценувајќи дека е, како што наведуваат, „врв на цинизмот“ повторно да бараат доверба од граѓаните, додека, според коалицијата, последиците од нивното владеење и натаму го загрозуваат здравјето и секојдневниот живот на граѓаните.






