ВЛЕН порача дека не е создадена како уште еден политички субјект на албанската политичка сцена, туку како обид за обединување на политичките и општествените сили околу заедничка визија за иднината.
Од ВЛЕН истакнуваат дека со години граѓаните слушале ветувања за единство, но ретко кој бил подготвен да го стави заедничкиот интерес пред партиските пресметки. Токму затоа, како што наведуваат, коалицијата произлегла од потребата да се обединат енергијата, потенцијалот и политичката волја на Албанците во земјата.
„ВЛЕН не е роден од потребата да се додаде уште едно име на политичката сцена. ВЛЕН е создаден за да ги обедини енергиите, потенцијалот и политичката волја на Албанците околу заедничка визија“, се наведува во пораката.
Од коалицијата потенцираат дека за првпат пет политички сили одлучиле да ги надминат меѓусебните разлики и да изградат заеднички политички проект, кој, според нив, произлегува од довербата на граѓаните во Скопје, Тетово, Гостивар, Куманово, Кичево, Струга, Дебар и во сите средини каде што се бара достоинствено претставување и развој.
ВЛЕН се претставува како модерна десноцентристичка алтернатива, изградена врз принципите на семејството, трудот, меритократијата, економскиот развој и одговорното управување.
Во својата порака коалицијата нагласува дека во време кога многумина инвестираат во поделби, тие избрале обединување, а наместо теснопартиски интереси го ставиле во фокус интересот на граѓаните.
„На Албанците не им требаше уште една партија. Им требаше поголема сила. Им требаше ВЛЕН“, порачуваат од коалицијата.
Објавата доаѓа во период кога ВЛЕН се обидува да ја зацврсти својата позиција на политичката сцена, претставувајќи се како обединет фронт кој има за цел да понуди нов пристап во претставувањето на албанскиот електорат во земјата.






