Со изгласувањето на реконструкцијата на Владата, Собранието потврди дека процесот на промени продолжува, соопштија од коалицијата ВЛЕН, од каде оценуваат дека влегуваат во нова фаза од владеењето со зголемена одговорност и со кадри кои, како што наведуваат, ги претставуваат професионалноста, знаењето и интегритетот.
Според соопштението, професорот Јетон Шасивари ќе раководи со Министерството за правда, Агон Ферати ќе биде министер за односи меѓу заедниците, додека Седат Сулејмани ќе го предводи Министерството за култура и туризам.
Од ВЛЕН истакнуваат дека по реконструкцијата излегуваат политички зајакнати и дека ќе имаат вкупно шест министерски позиции. Покрај новите кадровски решенија, коалицијата продолжува да раководи и со ресорите економија, животна средина и евроинтеграции.
„ВЛЕН од оваа реконструкција излегува уште посилен политички, со вкупно шест министерства, како дел од мисијата за градење посилни институции и чесно служење на граѓаните“, се наведува во објавата.
Од коалицијата нагласуваат дека промените не претставуваат само замена на имиња, туку, според нив, испраќаат јасна порака дека институциите треба да им служат на граѓаните, а не на партиските интереси.
„Ова е крај на логиката на привилегии и почеток на пристап кој ќе се мери според работата, резултатите и одговорноста“, порачуваат од ВЛЕН.
Од коалицијата додаваат дека со нова енергија, подготвени кадри и јасна визија ќе продолжат да бидат, како што велат, гласот на граѓаните и гарант на реформите што треба да ја движат земјата напред.
Тие најавуваат дека нивните министри ќе бидат оценувани според сработеното, спроведените реформи и конкретните резултати што ќе ги постигнат за граѓаните.
„На овој начин градиме силни институции, го штитиме јавниот интерес и докажуваме дека политиката може да се води со достоинство, професионализам и визија. Со ВЛЕН, промената продолжува“, се наведува во објавата на коалицијата.





