Ако возeњето мотори е втор пубертет, дај боже цел живот да ме држи, искрено со детскиот кардиохирург Владимир Чадиковски

Муабетот со доктор Владимир Чадиковски, детскиот кардиохирург, не може да биде досаден. Сеедно дали е за хирургијата, љубовта кон моторите, времињата кога со „стокец“ фамилијарно оделе кај тетките во Италија, бракот, меракот по „Твитер“ и „Инстаграм“… За сè има по некоја приказна.

Последниве две години е моторџија. По долгите часови поминати во операциона сала, возењето мотор е издувен вентил за стресната работа. Вели дека има три мотори и куп кациги. Пасија за која раскажува со сто мераци.

„Веќе две години возам мотори и не можам да замислам да не возам. Легнувам и станувам со таа помисла. Моторџиите ми станаа другари и тоа се една посебна фела, кои се многу интересни. Практично, имам најмал стаж кај моторџииве, ама теоретски не им се давам“, раскажува доктор Чадиковски во интревју за „Репоортер“

Ни откри дека станал колекционер на мотори. „Имам три мотори, од сите три типа, ама на работа одам со GS 800, BMW. Е, сега, не сум некој чоперски тип, па така да се облекувам, ама и возењево мотори малку ми го смени стилот на облекување. Нормално е со годините да се дојде и до некоја таква фаза како ова со возењето. Некои се шегуваат, демек втор пубертет мажите доживуваат, ама па ако ова е втор пубертет, дај боже да ме држи цел живот“, искрен е детскиот кардиохирург.

Во неговата приватна приказна има од сè по нешто. Од часови и денови поминати со книгата поради изборот на професијата до театарот како најголемата љубов во неговото семејство.

„Кај нас дома само за театар се зборуваше. Сите познати имиња ни дошле дома. Но, ете, и јас и брат ми се запишавме на медицина, а не на професијата што ја работеше татко ми“, вели Чадиковски, чиј татко го изгради и создаде Театарот за деца и младинци.

Татко и сопруг. Од 2001 година е во брак со Елена, која е магистер на човечки ресурси. Го имаат синот Виктор, кој има девет години. На прашањето како реагира како татко кога Виктор ќе се разболи, вели: „Тогаш покажувам некоја нервоза. Ама интересно е што тогаш сопругата е доктор, не јас. Во тие моменти таа е главна, се јавува кај колеги, врти на телефони, мене не ме слуша, вика јави се ваму, таму. И добро е што така прави оти јас сум субјективен“, се шегува Чадиковски.

Во однос на бракот ни откри дека поради професијата, често мора да е отсутен од дома и дека е среќен што сопругата добро се справува со сето ова и ја држи фамилијата.

„Јас сум тежок лик и треба некој да ме издржи, не сум за фалење, професијата бара многу часови минати надвор од дома. И јас сум човек со мани, ама и ова што го работам искрено прави да си малку чуден. И оваа приказна трае со години, а таа, ете, се надевам дека уште долго ќе се справува со ова“, искрен е детскиот кардиохирург.

За него е познато и дека е прилично влијателен на „Твитер“, а неговите твитови се споделуваат и во медиумите, па и за ова раскажа во интервјуто на „Репортер“. За приватната приказна на докторот, како и за онаа во операционата сала, оти кардиохирургијата не секогаш има позитивен исход, сите успешни операции и добрата вест што ќе му ја соопшти на семејството што чека пред операционата сала, гледајте го интервјуто.

Александра Георгиев

 

Scroll to Top