Уметницата Стефани Стојаноска-Наумческа (25) од Гостивар уште од дете била наклонета кон уметноста, а интензивно започнала со цртање пред две години. Како што вели таа, уметноста е секаде околу нас, а сето она што ја опкружува, за неа претставува инспирација како уметник.
Дел од таа инспирацијата нашла лани во цртањето со кафе, за време на карантинот, за коешто ни откри во интервјуто за „Репортер“.
„Цртањето со кафе случајно го сретнав на една страница, ме заинтересира и сакав да пробам како би изгледало. Покрај тоа што е несекојдневна техника, таа е и доста софистицирана, бидејќи бара нијансирање на кафето, односно од него може да се извадат и неколку нијанси. Сè почесто ја употребувам оваа техника, најчесто со инстант или турско кафе“, вели таа.
Стефани додава дека за изработката на ваквото дело се потребни неколку часа, а понекогаш и до неколку дена, во зависност од замислата и делото.
Покрај цртањето со кафе, таа владее и со многу други техники како: употреба на акрил и масло на платно, графика, 3D-цртање, апстракција, сенчење, цртање мандала, употреба на туш, како и цртање на дрво, камен и стакло.
Таа вели дека цртањето само по себе ја опушта и исполнува, а човек кој го работи она што сака е среќен и задоволен.
„Ми се случува да наидам на некое интересно дело и да направам реплика од него, но повеќето се мои имагинативни дела. Често пати ми се случува да се внесам во цртањето, и да го сликам и до неколку дена“. вели Стефани за „Репортер“.
За своите скромни почетоци во светот на уметноста, таа вели дека започнала најпрво со графика, а потоа почнала да употребува и други техники на цртање. Вели талентот мора да се негува и бара упорност, ако човек сака да успее и да има напредок во она што го прави.
На прашањето какви се нејзините планови во иднина, таа вели: „Се надевам на поскора изложба на моите дела. А за понатака имам во план свое ателје.
Марија Прличкова