Дуото ДНК најави голем концерт за 20 години постоење на музичката сцена, но концертот ќе го финансираат без поддршка од Министерството за култура, кое ја објави листата на музичари и проекти кои според нив се од национален интерес и ќе бидат финансирани за остварување на одредени проекти.
ДНК не доби ни денар, иако побарале финансиски средства и се одбиени, ама за разлика од нив, пејачката Аделина Тахири доби сума во висина од 124.700 денари, односно околу 2.000 евра за нејзиниот проект со назив „Унапредување и афирмирање на творечката и изведувачката македонска музичка уметност“.
„Станува збор за јубилеј од 20 години. Акоo бенд со 20 годишна кариера, кој зад себе има преку 60 синглови, 3 албуми, 2 големи соло концерти и еден анплагд концерт и безброј настапи низ државата и надвор од неа презентирајќи ја државата не множат со нула што останува за останатите наши колеги и оние млади артисти кои започнале кариера или планираат да ја започнат. Ова е тотално омаловажување, деградирање и непочитување“, ни рекоа од ДНК.
Панчо во изјава за Репортер вели: „Не е проблем што добила Аделина или било кој друг, проблем е што ние сме одбиени. Срамота е да нè одбијат без никакво образложување. Во принцип не смее да не одбијат за јубилеј, ако зад нас имаме преку 60 песни и бараме за 20 години јубилеј. Абе да ни дадеа барем некоја симболична сума и ќе ни затвореа уста. Ќе мислевме, океј толку според нив вредиме, ама ќе ни ја затвореа устата. А вака не одбија без никакво образложение“.
Во меѓувреме редакција Репортер ја контактираше и Аделина Тахири, за што ѝ се доделени парични средства, но таа до сега не ни врати на пораката.
Пејачката која е сопруга на познатиот адвокат Серјожа Марков е доста популарна во јавноста оти редовно објавува фотографии на кои се гледа нејзиниот раскошен стил на живеење, брендираната гардероба, како и патувања на привлечни туристички дестинации. Последната нејзина е објавена во 2019 година. Таа побарала пари за промовирање на ЦД и на македонската музика, и ѝ биле одобрени. Последна песна сними во 2019 година.
Се обративме и до Министерството за култура, да ни кажат по кој критериум се доделени паричните средства.
„Пеачката Аделина Таири Марков од Министерството за култура е поддржана со симболична сума од 124.760 илјади денари за ЦД за, како што е наведено во апликацијата-унапредување и афирмирање на творечката и изведувачката македонска музичка уметност. При одлучувањето Комисијата за музика и музичко сценска дејност приоритет во поддршката дава на уметничките проекти како што е класичната музика, но води сметка и за застапеност на сите жанрови. Водено е сметка да се поддржат сите најдобри проекти од сите останати жанрови и да се обезбеди разноликост на програмата како и услови за усовршување на сите видови музика.
Во однос на одбиениот проект на групата ДНК, Комисијата за музика и музичко-сценска дејност оценува дека популарните жанрови, согласност со одобрениот буџет за оваа дејност, се во голема мерка застапени и поддржани во рамки на фестивалите и на музичките манифестации каде што доминираат проекти со авторска тежина“, велат од Министерството за култура за Репортер.
Аделина Тахирри е една од 232-та музички уметници чии пријави од музичка и музичко-сценска дејност за 2022 година се прифатени од страна на Министерството за култура. Меѓу имињата кои добиле поддршка се Лидија Кочовска, Деа Плевенеш, Дина Јашари, хорот Злата Мегленска, Дамир Пух, Ерхан Шукри, танц студио Бреј а лег, Дино Имери и други имиња од различни области во музиката и културата.
Александра Георгиев
.