Поп-пејачката Кристина Арнаудова ја започна кампањата за проектот ,,Среќна школска година“. Станува збор за проект со кој децата и семејствата што не можат да си овозможат нови школски прибори ќе добијат сѐ што им е потребно од нејзиното здружение.
Таа јавно ги повика сите компании и поединци да донираат и да дадат поддршка за децата од ранливите категории.
„И овој пат ги поттикнуваме и мотивираме сите компании и поединци да донираат за насмевки и среќна школска година на сите деца. И овој пат очекуваме голема поддршка и одѕив од компаниите што се производители и дистрибутери на школска опрема, особено од големите синџири маркети“, вели Арнаудова.
Нови школски прибори ќе добијат децата во социјален ризик од дневниот центар „Шуто Оризари“, здружението „Сумнал“, децата од ХОПС, како и сите деца за кои ќе биде посочено во здружението дека им е потребна помош. Арнаудова со своето здружение „Проект среќа“, неодамна се врати од Маврово каде што однесе 40 деца од ранливите категории на седумдневно летување.