Балерините од Bullfrogs балетското училиште од Македонија на финалето на најголемиот светски балетски натпревар во Флорида

Од 22 до 27 април, во Тампа, Флорида, по 27ми пат се одржa финалето на најголемиот светски балетски натпревар – Младинско американско гран-при. Оваа година, за прв пат во финалето се натпреваруваа и 16 млади македонски балерини од балетското училиште Bullfrogs Ballet, откако минатата година на полу-финалниот натпревар во Виченца, Италија обезбедија пласман во финалето во Тампа.

Во Флорида младите балерини се натпреваруваа во категоријата „големи ансамбли“ со парче од балетот „Сон на летната ноќ“, кој Bullfrogs Ballet продукција премиерно го постави и одигра пред полн аудиториум во Македонскиот народен театар во јуни 2019 година. Кореографијата е на уметничка директорка на училиштето Александра Никифоровски, според оригиналната поставка на балетот на Џорџ Баланшин.

На финалето во Тампа се натпреваруваа преку 1500 млади балетски уметници. Во категоријата „големи ансамбли“ во која се натпреваруваа и балерините од Bullfrogs Ballet, имаше повеќе од 150 учесници. На овој натпревар, ансамблот на Bullfrogs Ballet беше бодуван со 92 поени од максималните 100, што претставува голем успех не само за училиштето, туку и за младите балерини кои го претставуваа.

За пласманот во финалето, Никифоровски вели:

„Тоа е неверојатен успех не само за нас како училиште, туку и за нашата земја, затоа што за прв пат во историјата на овој натпревар во финалето ќе се натпреваруваат и учесници од Македонија. За младите балерини, овој натпревар беше уникатна можност да заиграат меѓу најдобрите млади балетски уметници од светот. Во исто време, учеството на овој натпревар за нив значеше да се предизвикаат себе си и да се покажат во најдобро светло, не само на натпреварот туку и на мастер-часовите, затоа што судиите и претставници на најпрестижните балетски школи и театри од светот доделуваат стипендии за балетско образование и покани за престој и работа кај нив. За нас како училиште, ова беше едно признание за напорната работа, трудот и посветеноста, но и љубовта која ја имаме за балетот и балетското образование. Изминативе неколку години редовно учествуваме на светски признаени балетски натпревари и сонот секогаш ни беше да стигнеме до финалето на Младинското американско гран-при. Во моментот кога дознавме дека сме се пласирале во финалето бевме преплавени од емоции, а учеството ни отвори нови видици и ни даде ветер во грб да продолжиме уште посмело и погордо кон нови предизвици“

Учеството на целиот тим од Bullfrogs Ballet на Младинското американско гран-при финансиски го поддржаа повеќе приватни компании, Министерството за култура, како и Општина Карпош и Општина Центар. Делумна финансиска помош за учество додели и организацијата на натпреварот Младинско американско гран-при.

„Учеството на вакви реномирани светски натпревари чини многу, особено кога се настапува со голема група на балерини, како што беше нашата. Иако училиштето и учесниците вложија сопствени финансии, целото патување и организација за во Тампа беше една навистина голема сума која за жал не бевме во можност целосно да ја покриеме. Затоа, многу сме благодарни на компаниите и организациите кои се навистина општествено одговорни, ја поддржуваат културата и ја препознаа вредноста и значењето на нашето учество на ова финале и не поддржаа финансиски, како и Министерството за култура и Општините Карпош и Центар. Без нивната поддршка, ние немаше да можеме да го оствариме овој наш голем сон, за кој навистина работиме изминативе години со многу труд и љубов“ – вели Никифоровски.

Bullfrogs Ballet School е првото интернационално приватно балетско училиште во Македонија, основано во 2009 година. Училиштето континуирано учествува на реномирани балетски натпревари, а меѓу најзначајните постигнати успеси се: Гран-при за најдобра изведба на фестивалот (2019), Балет фест во Пловдив, Бугарија; трето место во категорија класичен балет – дуо (2023), прво место во категорија класичен балет – група (2024) и трето место во категорија класичен балет – група (2025), на Европското балетско Гран-при во Виена, Австрија.

Младинското американско гран-при е најголемиот и еден од трите најпрестижни балетски натпревари во светот, на кој до сега учествувале преку 150.000 млади балетски уметници Во изминатите 20 години, преку натпреварот се доделени стипендии за натпреварувачите од над 4.000.000 американски долари во водечки училишта за балет во светот. Преку 500 алумни од Младинското американско гран-при сега танцуваат во 100 компании ширум светот, вклучително и Американскиот балетски театар, New York City Ballet, American Ballet Theater, Парискa опера и балет, Royall Ballet во Штутгарт, Холандскиот национален балет, San Francisco Ballet и Washington Ballet, меѓу многу други.

Scroll to Top