Драмски театар во наредните неколку дена ќе одржи повеќе настани во чест и сеќавање на писателот и драматург Горан Стефановски, кој почина на 27 ноември. На сцената на театарот во кој беа поставени некои од неговите најголеми ремек-дела, вечерва во 19 часот ќе има проекција на претставата „Диво месо“ од 1979 година, во режија на Слободан Унковски. Модератор на настанот е драматургот Александра Бошковска. Во понеделник во 19 часот, ќе има проекција на претставата „Дупло дно“ (1984) во режија на Унковски, а модератор е Мишел Павловски. Влезот за проекциите е бесплатен.
Во чест на Стефановски ќе се организира комеморација во Драмски театар, но по пристигнувањето на неговото семејство во Македонија. Горан Стефановски почина на 66 години во Велика Британија, по кратко боледување. Неговото тело ќе биде кремирано на 5 декември во Кентербери, Англија, а по негова желба пепелта ќе биде расфрлана во водите на Охридското Езеро.
Стефановски е автор на драмите „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најпопуларната македонска ТВ-серија „Бушава азбука“. Тој работеше на сценарио за продолжението на серијата која треба да се реализира во 2019 година.