Полскиот претседател Анджеј Дуда и неговата сопруга Агата Корнхаузер-Дуда изминативе два дена беа во посета на Македонија. Додека претседателите на обете земји разговараа за политички прашања, првите дами имаа време за заеднички активности. Заедно готвеа и пакуваа на „Ретвитни оброк“, кои се наменети за социјално ранливите лица.
Елизабета Ѓорѓиевска сподели на својот Фејсбук профил дел од атмосферата, па ѝ се заблагодари на Агата Дуда за поддршката.
„Со личен пример да помогнеме во промена на колективната свест и поттикнување на јавната одговорност кон ранливите категории“, напиша таа во објавата.
За потсетување, Ретвитни оброк е неформална граѓанска иницијатива која готви храна за бездомници и социјално загрозени. Целта е да се промовира солидарноста, рециклирањето на храната и подигнување на свеста кај граѓаните дека храната не треба да се фрла, туку да се сподели со оној којшто нема.