Без пари нема финале на Евросонг

Македонските претставници „Ај кју“ вчеравечер не успеаја да се пласираат во финалето на Евровизија што ќе се одржи на 12 мај во арената „Алтис“ во Лисабон. По неуспехот на песната Lost and Found, изјава за Македонската телевизија дадоа Бојан од „Ај кју“ и Мери Попова, шефицата на делегација.

„Како и самиот превод на нашата песна ‘Изгубено и најдено” го изгубивме финалето, но најдовме многу нови искуства кои поради сета укажана доверба од страна на МТВ и македонската јавност. Покажавме дека со музиката можеме да бидеме конкурентни, бидејќи нашата песна која е комплетно македонски производ, без оглед на тоа што не влезе во финалето сè уште е една од најслушаните годинава“, рече Бојан, гитаристот на „Ај кју“ и автор на песната.

Шефицата на евровизиската делегација Мери Попова, вели дека Евровизија нуди уникатна можност за претставување на земјата на европско и светско ниво. Според Мери, секоја државата треба да ја искористи можноста на најдобар начин.

„Евровизија е проект во кој навидум не постојат правила. Понекогаш е потребна само песна, многу често влијае и положбата на земјата, понекогаш е пресуден сценскиот настап, а многу често визуелната презентација. Тоа од корен го менува првобитниот впечаток за песната и тука сме сведоци дека некои песни добиваат на вредност со визуелниот перформанс. За да се биде конкурентен на најгледаниот телевизиски спектакл се потребни огромни финансии, а нашиот буџет во споредба со останатите држави е меѓу најмалите, иако во јавноста често се коментира како огромен“, вели Попова.

Таа додава дека изминатите неколку години впечатокот за Македонија на Евровизија е променет на подобро и дека нашата земја нуди квалитетни композиции.

„Сметам дека треба да се вложи многу повеќе во севкупното претставување на Македонија на Евровизија, од аспект на сценски настап, промотивна кампања на песната и маркетинг. Не можеме да очекуваме спектакуларен резултат во услови кога севкупниот евровизиски проект на Македонија чини помалку дури и од употребените пиротехнички ефекти на некои од земјите учеснички на изборот“, додава таа.

Јавноста, пак, е поделена. Многу евровизиски фанови на профилите на социјалните мрежи напишаа дека се разочарани што и оваа година нашиот претставник нема да пее во финалето. Тие се разочарани од пеењето на Марија. Велат, на моменти фалширала и дистонирала. Некои пишуваат дека целокупниот настап бил млак и дека немаше енергија на сцената како што имаше кај повеќето учесници. Уништивме одлична песна со сценскиот настап, е само еден од коментарите на социјалните мрежи.

По завршувањето на финалето во сабота, на официјалниот сајт на Евровизија ќе бидат објавени пласманите и поените што ги освоила секоја земја во двете полуфиналиња. Тогаш ќе се знае точниот пласман на Македонија во вчерашното полуфинале.

Scroll to Top