Фудбалерот на „Вардар“ Дарко Глишиќ готви често. Најчесто готви јадења од месо или риба што се дополнети со многу зеленчук или со егзотични сосови што ѝ даваат посебен вкус на храната. Еден од последните специјалитети што ги зготвил, а за кој вели дека му е меѓу омилените е бифтек со сос од зелен бибер.
„За овој рецепт е важно местото да биде меко, а убаво испечено. На фолија ставам маслиново масло, врз неа го ставам бифтекот, го посолувам малку, го премачкувам со сенф и врз него редам печурки и тиквички. Од страна покрај месото ставам брокула. Ја затворам фолијата и месото го печам во загреана рерна на 220 степени 35 до 40 минути. Пет минути пред да биде готово месото ја отворам фолијата за бифтекот да добие боја“, рече Дарко за „Репортер“.
Додека месото се лади, го подготвува сосот. За сосот од зелен бибер се потребни маслиново масло, 1/2 кромид, малку путер, 20мл соја сос, 20мл виски, 2 лажици брашно, 1 лажица свеж зелен бибер и малку неутрална павлака за готвење.
„Во тава ставам малку маслиново масло и го препржувам кромидот исечкан на ситно. Откако убаво ќе зарумени, додавам малку путер, зелениот бибер, вискито, соја сосот и брашното. Сосот се крчка 3-4 минути на мала температура. На крајот се додава неутралната павлака. Се остава да прокрчка неколку минути и сосот е готов“, додава тој.