Ана Ган, која ја играше Скајлер Вајт во „Breaking Bad“, се прости од својот колега Ар Џеј Мите, потсетувајќи се на нивната прва средба и на блискоста што ја изградиле низ годините. Актерот, кој го толкуваше нејзиниот син во серијата, почина на 12 октомври во Тексас, на 34-годишна возраст.
Во изјава за „Us Weekly“, Ган го опиша Мите како исклучително љубезен, духовит и одлучен млад човек.
„Никогаш нема да заборавам кога го запознав Ар Џеј, кога имаше само 14 години. Веднаш ме изненадија длабочината и сложеноста на толку млада личност“, изјави актерката.

Таа се присети дека бил нежен и храбар, понекогаш бунтовен како секој тинејџер, но секогаш подготвен да учи и да ги усовршува актерските вештини.
Посебно ја нагласи неговата решителност сопственото искуство со церебралната парализа да го искористи за да придонесе кон поголемо разбирање на животот на лицата со попреченост.
Ган и Мите настапуваа како мајка и син во сите пет сезони на „Breaking Bad“. Таа ја играше Скајлер, а тој Волтер „Флин“ Вајт Џуниор, синот на ликот што го толкуваше Брајан Кренстон.

„Колкава среќа имав што ја играв неговата телевизиска мајка, што го гледав како се развива како актер и како човек низ сезоните, а потоа и како продолжува да ѝ служи на заедницата преку неуморно застапување и добротворна работа. Бев толку горда на него. Сите бевме“, порача Ган.
Актерката додаде дека нема зборови со кои може да се опише тагата по загубата на млад човек што оставил значајна трага и пред кого имало уште многу можности.
Во овие тешки моменти, таа избира да ги зачува спомените од нивните приватни средби – заемната поддршка, разбирањето, смеата и блискоста што продолжиле и по завршувањето на снимањето.
Претставникот на Мите потврди дека актерот починал од самоубиство. Во соопштението семејството и блиските побараа почитување на нивната приватност.
Покрај актерската кариера, Мите беше активен во застапувањето на правата на лицата со попреченост. Беше амбасадор на „United Cerebral Palsy“ и „Shriners Children’s“, како и претседател на фондацијата „Мите“, преку која поддржуваше добротворни и локални иницијативи.






