Даниел Данн наместо во изолација, секој ден е во болница

Пејачот Даниел Данн вели дека деновите не ги минува во изолација, туку оди на работа. Тој веќе шест години работи во болницата „8ми Септември“, па заради вонредната состојба со коронавирусот, сега има повеќе обврски од претходно. И покрај тоа што периодов нема свирки, Даниел ни откри дека работи на новата песна, а ќе ја промовира по кризата. Тој деновиве преку социјалните мрежи постојано споделува домашни видеа во кои пее домашни и светски хитови и вели, тоа му е меѓу омилените забави.

„Бидејќи сум индиректно вклучен во здравствениот систем на нашата земја, обврските периодов ми се зголемија. Но, најмногу ми недостигаат настапите со мојот бенд, публиката, фановите, размената на убава енергија. Ми недостига можноста да си ги реализирам сите планови, но се обидувам, како и за сè во животот, да ја гледам поубавата страна. Па освен што мораме апсолутно да се придржуваме до препораките за заштита на јавното здравје, важно е и да се трудиме да останеме со позитивна мисла и да најдеме среќа во малите нешта“, вели Даниел за „Репортер“.

Пејачот ни откри дека изминатите денови прифатил неколку предизвици за забава што кружат на социјалните мрежи, од споделување интересни игри, преку еколошка иницијатива, а го прифатил и предизвикот „Готвиме со Бранко“ за да зготви нешто интересно.

„Сакам да готвам, тоа е нешто што го правам често, а овојпат решив да направам здрав колач со шумско овошје. Па, мој совет за сите е: ако до сега немавме доволно време да готвиме, да прочитаме книга, да изгледаме филм или серија, да бидеме физички актвивни, да помуабетиме со нашите најблиски, или едноставно само да медитираме и да уживаме во тишината… веќе немаме изговор. Посакувам секој од вас да го пронајде својот мотиватор и посакувам здравје за сите нас. Заедно сме во ова и мораме сериозно да пристапиме кон решавањето на кризата“, вели Даниел.

А. Јовановска

Scroll to Top