Светското првенство во Катар уште на стартот почна со проблеми. Прво од стампедото што изби на улиците и покрај бројните полициски сили, а сега и конфликтот меѓу ФИФА, катарските власти и репрезентациите.
Дури десет национални тимови, од кои осум кои играат на Мундијалот, се спротиставија на одлуката на ФИФА да се забрани да се носат капитенски ленти на кои пишува One Love.
Овие ленти треба да ги промовираат правата на ЛГБТ заедницата. Против тоа се побунија Германија, Холандија, Швајцарија, Англија, Данска, Велс, Франција, Белгија како и Шведска и Норвешка кои не играат на Мундијалот.
Англичаните кои од 14 часот ќе го играат првиот натпревар, веќе се во разговори со ФИФА околу тоа какви ќе бидат последиците ако носат ваква капитенска лента. Засега капитенот Хари Кејн не беше јасен околу своите ставови.
„Јасно рековме дека сакаме да ја носиме таа капитенска лента. Знам дека фудбалскиот сојуз сега зборува со ФИФА и сигурен сум дека ќе ја донесеме вистинската одлука до почетокот на првиот натпревар“, рече Кејн.
Капитенот на Германија, Мануел Ноер на прашањето дали на првиот натпревар ќе ја носи капитенската лента со пораката One Love, одговори со да, а Холанѓанецот Вирџил Ван Дајк беше малку подетален.
„Ќе ја носам капитенската лента со пораката на ЛГБТ One Love, против Сенегал. Ништо мене не ми менува. Но, ако на почетокот на наптреварот добијам жолт картон за тоа, ќе морам да размислам. Не сакам да играм додека имам жолт картон“, рече капитенот на Холандија.
Велешанецот Герет Бејл е сигурен во одлуката да ја носи капитенската лента и со тоа да испрати порака.
„Тоа е тешка тема за нас како фудбалери, но можеме да укажеме на некои проблеми. Зборувавме со фудбалскиот сојуз, тие зборуваа со владата на Велс, која сега е во разговори со ФИФА и владата на Катар. Репрезентативците стојат 100% зад оваа одлука и ќе направиме сè за да ја подигнеме свеста на оваа тема“, рече Гејл.
На крајот се огласи и капитенот на Данска, Кристијан Ериксен.
„Се залагаме за нашите вредности и ние како тим ќе го носиме знакот One Love на капитенските ленти. Не знам кои ќе бидат последиците, ќе видиме, но без разлика на тоа ќе играме фудбал. Сакаме да играме фудбал. Тоа е нашиот фокус“, рече Ериксен.