„Децата сакаат да ми се мешаат во кујна“ – На Вера Мештеровиќ не ѝ е здодевно во изолација

Првата Мис на Македонија, Вера Мештеровиќ, вели дека изолацијата не ѝ паѓа тешко. Дома е со децата, синот Андреј и ќерката Јована, за кои вели дека се многу дисциплинирани и дека знаат што се случува, па за среќа не бараат да одат надвор. Дома играат друштвени игри, учат, а децата сакаат и да ѝ помогнат кога готви.

„Се чувствуваме одлично, позитивно, иако е време на изолација. Кај децата не владее паника и тоа навистина ми ја олеснува оваа ситуација бидејќи сме во вонредна состојба. Тие не бараат да излегуваат, ги знаат правилата и препораките и ги почитуваме. Времето го поминуваме играјќи најразлични друштвени игри, на пример шах оти Андреј го обожава, монопол, не лути се човеку, и карти бидејќи Јована сака табланет. Интересно им е да ми се замешаат во кујната околу правењето палачинки, пита, пица, кифлички“, раскажа Вера за „Репортер“.

Таа вели и дека додека се дома сите тројца спортуваат, читаат лектири, гледаат серии, филмови, но и учат. „Сега веќе имаме распоред за учење, па денот ни е навистина исполнет со најразлични активности. Јас работам од дома, излегувам по потреба до продавница и аптека“.

„Моја порака до сите е да седите дома, мијте раце, бидете позитивни, креативни, сакајте се, пишувајте, цртајте, слушајте музика, правете работи што ви ставаат насмевка на лицето. Почитувајте ги препораките и правилата на однесување, само кога сме здрави можеме сè“, додава Вера.

А. Јовановска

Scroll to Top