Двајца Македонци го истрчаа маратонскиот „Монт Еверест“

Атанас Наумов и Ангел Арнаудов се првите Македонци што ги истрчаа шесте најголеми маратони во светот. Тие вчера трчаа на маратонот во Бостон, кој е еден од шесте најголеми светски маратони заедно со Њујорк, Чикаго, Лондон, Берлин и Токио.

„Кога еден маратонец ќе ги истрча шесте најтешки и најголеми светски маратони, се вели дека го истрчал маратонскиот Монт Еверест“, раскажа Атанас за „Репортер“.

Бостонскиот е најстариот маратон и оваа година се одржа по 122 пат. Патеката со должина од 42.195 километри ја истрчаа над 30.000 маратонци.

Атанас Наумов

Наумов е првиот Македонец кој ја заврши трката и со тоа ги истрча шесте маратони. Неговото време беше 3 часа и 59 секунди. Арнаудов го истрча маратонот за 5 часа и 30 секунди.

„Времето беше многу лошо за трчање. Цело време врнеше силен дожд, на моменти и снег, а имаше и силен ветер. Се тресев додека трчав, дури и мислев дека нема да ја завршам трката, оти временските услови беа екстремно тешки. Вчера успеав да го постигнам своето најдобро време и за скоро 5 минути да го подобрам претходното“ рече Атанас.

Тој шесте маратони ги истрча во период од година ипол.

„Маратонот го завршив со солзи од среќа зашто успеав да го остварам сонот на секој маратонец. До овој успех не би можел да стигнам без луѓето што несебично ме поддржуваа овој изминат период и беа со мене“, додаде Наумов.

Ангел Арнаудов

Ангел е и повеќе од задоволен од својот голем успех.

„Успеав да ги комплетирам сите шест маратони, на што сум особено горд! Маратонот во Бостон ќе го паметам засекогаш. И при такви тешки услови уживав додека трчам. Публика имаше скоро на секој метар и сите беа со голема поддршка за нас. Ова време е далеку од моето најдобро остварување, но тоа е најмалку важно по ваков маратон“, рече Арнаудов за „Репортер“.

А. Јовановска

Scroll to Top