Андријана Јаневска, Кате од „Нели ти реков“ и Игор Џамбазов и овој пат не ја оставија рамнодушна публиката по изведбата на песната „Ми заплакало селото Ваташа“ и рецитал на стиховите на „Цветови“ од Славко Јаневски. Емотивна изведба за пролеаната детска крв на чествувањето на 80 години од масакрот во селото Ваташа каде фашисти стрелаа 12 младинци на возраст од 17 до 25 години.
На церемонијата кај споменикот, дојдоа семејствата на убиените деца, свежо цвеќе положија и низа политичари. До споменикот се поставени 12 бисти кои беа откриени, а пуштена е и спомен соба за младенците.
Општина Кавадарци организираше и свечена академија. Присутни, од политичарите, беа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, лидерот на Левица, Димитар Апасиев, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска. Масакрот во Ваташа е крвав настан кој се случил на 16 јуни 1943 година кога биле стрелани 12 младинци од селото Ваташа во близина на Моклиште кај месноста „Чаир“, на 2 км оддалеченост од Ваташа. Колежот го извршила бугарската војска и полициски одреди на чело со капетан Борис Жеглов, поручник Борис Костов и подофицер Петко Опреков под команда на полковник Љубен Апостолов, командант на 56. Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија. По потекло Апостолов бил од Крива Паланка. По тоа време од 40 до 60% од војниците на Петтата армија биле локални регрутирани младинци.