Андријана Јаневска, Кате од „Нели ти реков“ и Игор Џамбазов не ја оставија рамнодушна публиката по изведбата на песната „Ми заплакало селото Ваташа“ и рецитал на стиховите на „Цветови“ од Славко Јаневски.
Емотивната изведба беше за пролеаната детска крв на чествувањето на 80 години од масакрот во селото Ваташа каде фашисти стрелаа 12 младинци на возраст од 17 до 25 години.
Речиси сите беа на нозе додека Андријана и Кате ја пееја песната, а Игор рецитираше. Ја прашавме Андријана какво беше чувството да се пее пред роднините на стреланите деца и токму во Ваташа.
Во разговор за Репортер, таа вели: „За мене претставуваше огромна чест, но и одговорност да ја изведам оваа песна, овој пат токму во Ваташа, пред роднините на стреланите младинци. И за разлика од првиот настап на „Бубамара“, овојпат песната ја изведовме заедно со Катерина Танева која е родена во Ваташа. Мислам дека идејата за тој спој беше одлична бидејќи нашите гласови убаво се вклопија‘, вели Јаневска за Репортер.
Песната ја пробале само еднаш пред настапот во Кавадарци и Јаневска вели, звучела одлично, но огромен придонес и овојпат имаа маестралната рецитација на Џамбазов, бендот на Дамир Имери составен од врвни музичари, како и моќната поддршка од хорот Мирче Ацев, додава поп-пејачката.
„Додека настапував се обидував максимално да се сконцентрирам на песната и мислам дека втората изведба, кај споменикот во Моклиште беше навистина впечатлива. На последната строфа буквално целата публика стана на нозе“, открива Андријана.
За потсетување, првпат песната Андријана и Игор ја изведоа на манифестација „Златна бубамара на популарноста“, и таа изведба не остави никој рамнодушен.
Тогаш Андријана носеше црвен фустан, а го одбра заради симболиката, за детската крв која беше пролеана во Ваташа.
Александра Георгиев