Виолинистката Ева Богоевска беше кај претседателот Стево Пендаровски. Таа во резиденцијата свиреше на својата виолина, а Пендаровски објави заеднички фотографии и напиша дека таа е вистински млад виртуоз.
Ева на Факултетот за музичка уметност се запишала на 16 години и била најмлад студент во генерацијата, а во 2020 дипломирала со највисок просек 10,00. Била прогласена и за најдобар студент на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ за 2019/2020 година.
„Ева има настапувано на концерти во градови и во земјата и странство. Добитник е на многубројни награди на престижни домашни и меѓународни фестивали и е редовен член на нашата Филхармонија како прва виолина тути. Нејзината определба да ја гради професионалната кариера во земјата е за поздрав“, рече Пендаровски и ѝ посака многу успеси во иднина.
Ева во 2018 година имаше успешен солистички концерт во Американската катедрала во Париз, а освен во Франција, има настапувано и во Италија во „Опера хаус“.