Македонскиот музичар, композитор и продуцент Кирил Џајковски за Нова година настапи на плоштадот во Шибеник во Хрватска. Ова беше прв негов настап во Шибеник, од каде вели дека собрал позитивни впечатоци.
„Задоволство ми беше што можев да ја дочекам Новата Година за првпат во Шибеник. Публиката беше одлично расположена и со многу позитивен и славенички набој направи да се создаде искрена и прекрасна атмосфера“ , вели Џајковски.
И реге артистот Дејвид Лајон кој настапи заедно со концертниот бенд на Кирил ги сподели убавите моменти кои ги доживеа во Хрватска.
„Ова беше фантастично искуство! Ова беше мое прво гостување во Хрватска и воедно прва посета на земјата. Уживав во секој момент. Настапувавме на прекрасна локација, публиката беше толку пријателски наклонета и како резултат на тоа се создаде совршена интеракција меѓу нас на сцената и нив за време на настапот“, изјавил Лајон.
По едногодишна пауза Џајковски повторно се врати на сцената со нова песна. Неодамна ја промовираше „Римајндер“ за кој е сниман спот. Песната е прва соработка на Џајковски со познатиот реге артист, вокалистот Дејвид Лајон.