Македонскиот врвен креатор и костимограф, Александар Ношпал, го оствари својот сон откако дизајнираше костими за славниот театар „Бољшој“ во Москва. Театарот овој месец ги отвори вратите за публиката по пауза од шест месеци заради коронавирусот. Премиерата на „Силентиум“ се случи на 10 септември, во кореографија на Мартен Шекс со кој Ношпал одамна соработува и со врвни балерини и балетани на сцена како примабалерината Светлана Захарова, Џакопо Тиси.
“Мартин Шекс, успеавме! 10 септември ден за паметење. Се гордеам со тебе. Голема чест и привилегија е да се работи со тебе и да сум дел од ваква одлична продукција. Можеби не бев физички покрај вас, но таму бев емотивно, заедно со тебе и твојот прекрасен тим танчери. Те обожавам драги. Ти си невероијатен уметник. Благодарам за сè. Браво“, напиша Ношпал.
Славниот театар лоциран во центарот на Москва ги затвори вратите на 17 март кога растеше бројот на заразени со новиот коронавирус во и околу градот, во тогаш најпогодениот дел од земјата. Сега повторно почна да работи по шест месеци пауза.
За потсетување, Александар Ношпал, неодамна тој во интревју за „Репортер“ ни раскажа дека отсекогаш повеќе ја сакал високата мода, оти таа е поблиску до костимографијата за која вели дека бара малку поинакви познавања, широк ум, поголемо истражување, образование и интелигенција. „Костимографијата се смета за самиот врв во креирањето на облеката“, рече Ношпал кој по 15 години се врати на модната сцена. Овој пат во соработка со онлајн продавницата Митра – Ношпал Митра Limited Edition, приказна за која се уште се зборува.
А.Георгиев